Судскиот совет констатираше пропусти во извршување на пресудата за Мифтари во случајот „Дурмо турс“

Судскиот совет го усвои извештајот за извршениот надзор во Основниот суд Гостивар, со кој се констатирани сериозни пропусти во постапувањето по предметот на осудениот Ремзи Мифтари во случајот Дурмо турс.

Комисијата утврди дека судијата за извршување санкции и членовите на Кривичниот совет не ги почитувале законските рокови и овозможиле неоправдано одложување на десетгодишната затворска казна.

Според наодите, судијата за извршување санкции донел наредба за присилно спроведување со задоцнување од осум дена, иако законскиот рок е 24 часа. Дополнително, наредбата била доставена до полицијата дури по пет дена, без соодветно образложение за застојот.

Утврдено е и дека Кривичниот совет го одложил извршувањето на казната поради наводно болничко лекување, за кое не постојат докази во периодот кога осудениот требало да биде во затвор.

Поради овие пропусти, Судскиот совет најави поднесување барање за утврдување одговорност на судиите.

Истовремено, извештајот ќе биде доставен до МВР за проверка на работата на доставната служба во ПС Гостивар, а ќе се испитува и веродостојноста на медицинската документација издадена од лекарите.

„Системот е недоволен да се справи со вакви ситуации кога оние што се платени да постапуваат, не го прават тоа. Постои сериозен сомнеж за свесно непостапување,“ изјави членот на Советот, Ивица Николовски.

Ремзи Мифтари е осуден на 10 години затвор како одговорен за транспорт во „Дурмо турс“ за несреќата во која загинаа 16 лица. По серијата одлагања на казната и пропустите на судот во Гостивар, Мифтари стана недостапен за органите на прогонот, по што кон крајот на минатата година беше распишана меѓународна потерница.