Светски плати, македонски цени: Сите возат велосипед и патуваат со воз, нема диви депонии, животот на село се цени

Овие работи ќе ги изненадат сите оние од Македонија кои за прв пат одат во Германија

Германија е една од земјите со најголема македонска дијаспора и многу работи за Германија им се познати на граѓаните на нашата земја, но оние кои првпат патуваат во оваа европска земја – сигурно ќе се вратат полни со впечатоци.

Една од најсилните светски економии ќе воодушеви некој што доаѓа од Балканот со многу нешта, а сосема е сигурно дека следните пет ќе бидат меѓу нив:

1. Цените на основните потреби се исти како во Македонија

Купувањето на германските пазари, со просечна македониска плата, може да изгледа трауматично само на прв поглед. Всушност, производите што ги купувате во Македонија можете да ги купите за иста, дури и помала сума пари во Германија. Литар млеко со 3,5 отсто млечна маст можете да купите за само едно евро, а 250 грама путер за 1,6 евра. 100 грама млечна чоколада чини 0,8 евра, додека 400 милиграми крем нутела кога не е во продажба чини 2,9 евра.

Цените на хемикалиите за домаќинствата, тоалетната хартија и крпите се поволни дури и за граѓаните на Македонија, а да не зборуваме за работниците во Германија чија минимална плата е 13 евра на час. Пакување од 10 трислојни хартиени ролни, кои во продавниците во Македонија не се купуваат за помалку од 250 денари, во германските продавници се продава за 2,8 евра (150), а исто толку чини и големо пакување салфетки. Пакување од 450 милилитри Фери детергент за рачно миење садови може да се купи за дури 1,25 евра, а за 1,95 евра големо пакување шампон „Палмолив“.

2. Во Германија сите возат велосипеди

Една од првите работи што ќе ви привлечат внимание кога одите во Германија е големиот број на велосипедисти и велосипедски патеки, како во големите, така и во малите градови. На улица може да се видат двегодишни деца на велосипед, но и луѓе кои имаат повеќе од 82 години. Сосема вообичаена слика е дека дотераната жена, во фустан и сандали со штикли, оди на работа возејќи велосипед со неврзан шлем на главата.

Ретки се жителите на Германија, вклучително и нашинците во таа земја, кои немаат велосипед, а повеќето имаат два. Едниот за дневни патувања до работа и шопинг, а другиот за возење за време на викендот. Сите оние на кои здравјето им дозволува се трудат да поминат што повеќе километри во природа за време на викендот, а потоа цели семејства во еден ден поминуваат 20, 30 или повеќе километри со велосипеди.

Бројот на велосипеди на улиците и местата определени за нивно паркирање во одредени градови е навистина фасцинантен, но затоа нема метеж и преполни паркинзи за автомобили, особено во помалите градови.

3. Во Германија сите се возат со возови

По само неколку дена поминати во Германија, сфаќате дека за жителите на таа земја железницата е иста како што е автобускиот превоз за граѓаните на Македонија. Железничката мрежа во Германија е исклучително развиена, поаѓањата се чести, а вагоните се модерни и чисти, така што многу Германци секојдневно користат железнички превоз. Голем број вработени практикуваат да одат на работа со воз, а на секоја железничка станица има и паркинг за велосипеди, бидејќи многу луѓе на станицата доаѓаат со велосипед и патувањето го продолжуваат со воз. Во вагоните се специјално означени места за чување на две тркала, бидејќи многумина патуваат комбинирајќи велосипед и железница.

Месечниот билет за железнички превоз на целата територија на Германија чини само 49 евра (3000 денари), што претставува навистина мал трошок кога ќе се земат предвид платите на вработените.

4. Нема траги од диви депонии

Првата работа што ја забележувате кога ќе започнете да патувате во Германија е дека нема диви депонии и дека се е совршено чисто. Можете да возите стотици и стотици километри без да видите ниту една фрлена пластична кеса или шише на страната на патот. Сосема е сигурно дека жителите на Германија кои не патуваат надвор од границите на својата татковина можат само на фотографии да видат како изгледаат дивите депонии со купишта урнатини, пластични шишиња, кеси, конзерви, скршен мебел… Контејнери за ѓубре се чисти, а можете да ги видите покрај патишта и велосипедски патеки и надвор од населените места.

Германците придаваат големо значење на собирањето и рециклирањето на отпадот, па кога ќе се преселите во таа земја, мора да добиете упатства за одлагање на отпадот, бидејќи тој е сортиран во најмалку шест канти. За многу луѓе во Македонија тоа ќе звучи навистина неверојатно, но жителите на Германија се обврзани да ги мијат стаклените тегли пред да ги фрлат во отпадот и тоа го почитуваат.

Казните за оние кои нема да ги почитуваат правилата се високи и не само „на хартија“, строго се применуваат, а привилегирани нема.

5. Нема напуштени села и имоти

За разлика од Македонија, во Германија нема напуштени села. Впрочем, села како нашето не постојат во таа земја, тоа се организирани населби каде што огромно мнозинство од жителите не се занимаваат со земјоделство, туку се вработени во фабрики надвор од градовите или во фирми во самите градови. Животот на село, далеку од вревата на градот во Германија се смета за привилегија и многу Германци штедат пари за да заменат стан во градот со сопствена куќа во една од малите населби.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното