Одлуката за напуштање на владината коалиција не била изненадна, туку резултат на подолг период на незадоволство и чувство на исклученост од клучните процеси, изјави Арбен Таравари во емисијата „Вин-Вин“ на Телма телевизија.
Лидерот на Алијансата за Албанците посочи дека првичната идеја на почетокот на 2024 година била да се донесат промени по долгогодишното владеење на ДУИ, нагласувајќи дека коалицијата Влен успеала да освои значителна поддршка од гласачите и да ја постигне таа цел.
Сепак, според него, по само десет месеци владеење, очекувањата биле заменети со разочарување. Таравари тврди дека нивните кадри биле маргинализирани, а институционалното влијание сведено на минимум.
„Влен е само декор во владата, без вистинско влијание“, изјави тој, додавајќи дека ваквата позиција е неприфатлива за неговата партија.
Тој остро критикуваше дека е подобро да се биде во опозиција отколку дел од, како што рече, нефункционален систем. „Не можам да бидам кукла во една влада“, нагласи Таравари.
Во однос на внатрепартиските состојби, тој изрази уверување дека разделбата со Зијадин Села не претставува загуба, туку процес кој веќе бил завршен.
Таравари предупреди и за пошироките политички предизвици, истакнувајќи дека застојот во евроинтеграциите и оддалечувањето од реформите претставуваат сериозна опасност за државата. Според него, земјата веќе заостанува зад Албанија и Црна Гора, додека се наоѓа во група со Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
