Температурите одат во длабок минус, еве како да се заштитите себе и најблиските!

Синоптичарите предвидуваат дека деновиве во земјава минималните температури ќе се спуштат дури до 18 степени под нулата наутро. Особено студено ќе биде денеска и утре, и тоа ќе биде најстудениот бран во Македонија оваа зима.

Еве неколку совети како да се заштитите себе си и вашите најблиски од студеното време.

Не излегувајте рано наутро и доцна навечер доколку немате нужна потреба за такво нешто. Ако морате да излегувате, тогаш добро облечете се, што подразбира повеќе слоеви на облека и обавезно капа, ракавици и шал, затоа што излегување на ниски температури може да доведе до повреди и хипотермија. Особено внимателни треба да бидат луѓе кои имаат проблеми со срцето, како и оние кои боледуваат од крвните садови, затоа што ладното време има дополнително влијание на оштетување на крвните садови.

Доколку излегувате на ладно, тогаш постепено прилагодувајте го организмот на ладното време. Избегнувајте алкохол и грејте го телото со топли чаеви или супи. Бидете внимателни и со децата, особено на оние до една година затоа што нивниот систем за регулација на телесната температура сега се развива. Во прошетка одете во најтоплиот дел од денот, но не повеќе од 15 минути. Избегнувајте физички активности на отворено. Ако тренирате професионално, тогаш добро облечете се и избегнувајте паузи, односно бидете цело време во движење, затоа што стоењето на ладно додека сте загреани може негативно да влијае врз вашиот организам и вашето здравје.