„Точно е дека продавал карти, но тој немал никаква надлежност да врши проверка на влезот и излезот, а посебно не знам од каде ОЈО смета дека е надлежен да легитимира.“
Со овие зборови бранителот на Тодор Јованов (брат на првообвинетиот Дејан Јованов) ги отфрли наводите на обвинителството. Одбраната тврди дека Тодор немал својство на „одговорно лице“ во правниот субјект и дека неговата улога била строго ограничена на билетарницата, без моќ да одлучува кој влегува.
Адвокатот истакна дека доставиле докази и предложиле сведоци кои ќе потврдат дека тој немал ракаводна функција.
„Грешка во обвинението?“
Бранителот посочи и на, според него, нелогичност или техничка грешка на страна 9 од обвинителниот акт, каде Тодор се става во ист контекст со сопственикот на објектот за непочитување на техничките прописи. „Навистина не можам ова да го разберам и во овој дел не можам ниту воведен збор да дадам,“ истакна адвокатот.
ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ТОДОР ЈОВАНОВ?
(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)
Тодор Јованов (57) се товари за „Тешки дела против општата сигурност“. Спротивно на тврдењето на одбраната, Обвинителството во актот наведува дека:
- Тодор Јованов бил поставен од обвинетиот Дејан Јованов како „одговорно лице“ задолжено за продажба на влезници, но и за „контролирање на бројот на посетители и нивната возраст“.
- Се товари дека во договор со Дејан, „продавал поголем број влезници и овозможувал влез на поголем број посетители од дозволениот број“.
- Се товари дека дозволил влез на лица помлади од 18 години, иако знаел за опасноста од преполнување и небезбедноста на објектот.