Цветници го означуваат торжествениот влез на Исус Христос во Јерусалим, настан што се случил откако го воскреснал четиридневно погребаниот Лазар. Народот, во тој миг на најголемо препознавање и восхит, го пречекува Христос како Господ и Спасител, го постила патот со облеки и палмови гранки, воскликнувајќи: „Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“
Христос влегува во градот јавајќи на осле – симболичен чин во исполнување на старозаветното пророштво, но и покрај сите знаци, дури ни Неговите ученици целосно не го разбираат значењето на тој миг.
Покрај еврејскиот народ, и некои Елини пристапиле со желба да го видат Христос. Единствено свештенството и фарисеите остануваат слепи пред чудото и Божјата сила – тие се подготвуваат за Неговото погубување, како и за смртта на Лазар, кој сведочел за божественоста на Христос.
Со влегувањето во Јерусалим започнува Страстната седмица – најтешкиот и најдраматичниот период во христијанската историја. Цветници, како еден од Дванаесетте големи празници, го најавува страданието на Христос, но и надежта за воскресение и спасение.