Сите физички лица кои во текот на 2018 година имаат остварено приход, вклучувајќи и оние што примиле само плата и пензија, треба електронски да се регистрираат во Управата за јавни приходи на системот Е-персонален данок.
Од УЈП, како што беше посочено на денешната прес-конференција, ги повикуваат граѓаните тоа да го направат поскоро и да не се чека крајниот рок 31 декември 2018 година.
Обврска за регистрација во системот имаат сите физички лица кои оствариле приходи по кој било основ – плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, добивка од игри на среќа, од странство, пензија и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход заради прием на пополнетата годишна даночна пријава што од 1 јануари 2019 година ќе ја доставува УЈП.
Физичките лица ќе треба електронски да се пријават на системот e-pdd.ujp.gov.mk. Откако електронски ќе се пријават на системот потоа си ги потврдуваат податоците во УЈП.
Пополнетата годишна даночна пријава преку електронскиот систем УЈП треба да ја достави до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година, а граѓаните ќе треба да ги потврдат или коригираат податоците од пополнетата даночна пријава најдоцна до 31 мај 2019 година.
Во електронскиот систем досега се регистрирани 13 илјади граѓани.
Инаку, вчера управата за јавни приходи (УЈП) ја објави Листата на должници бр.09/2018 за долгови доспеани до 31.05.2018 и неплатени до 31.08.2018 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.
Вкупниот износ на долгот за физичките лица и самостојни вршители на дејност е повисок од 120.000 денари, додека долгот за правните лица е повисок од 300.000 денари.
На листата објавени се 2.178 должници – правни лица и 2.082 физички лица.
Вкупно објавениот нето долг изнесува 10.279.134.122 денари. Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 10.250.255.224 денари, додека долгот за царински давачки е 28.878.898 денари.
ТУКА можете да проверите дали ви има на листата.