Утрово на Попова Шапка најстудено, измерени -4 степени

Утринава најстудено во земјава е на Попова Шапка, каде се измерени -4 степени, додека нула степени се регистрирани во Крушево, Маврови Анови и Лазарополе. Температура од 2 степени е измерена во Претор, а 4 степени во Крива Паланка, Битола, Охрид и Берово. Во Прилеп се измерени 5 степени, додека во Тетово, Штип и Виница 6 степени. Најтопло утринава било во Скопје, Куманово, Велес, Кавадарци, Демир Капија, Струмица и Гевгелија, каде температурата изнесувала 7 степени.

Во изминатите 24 часа најмногу врнежи се измерени во Демир Капија – 28 литри на метар квадратен. Потоа следуваат Маврови Анови со 17, Кавадарци и Крушево со по 16, како и Попова Шапка со 15 литри на метар квадратен. Во Битола и Пожаране се измерени 13 литри, во Гевгелија и Тополчани 12, додека во Скопје-Петровец и Охрид се регистрирани 11 литри на метар квадратен.

Снежна покривка утринава има само на Попова Шапка, каде достигнува 77 сантиметри.

Според прогнозата, времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен.

Максималната дневна температура ќе се движи во интервал од 10 до 16 степени.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремени слаби врнежи од дожд и слаб до умерен северен ветер. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 14 степени.