Минималните утрински температури денеска се движат од -2 степени во Берово, до 4 степени во јужните и југозападните делови од земјава. Нула степени се измерени во Крива Паланка, Тетово, Струмица и Маврови Анови, додека 1 степен е регистриран во Куманово и Виница. Во Скопје на Зајчев Рид, како и во Штип, Велес, Кавадарци и Крушево утрово се измерени 2 степени, а 3 степени се забележани во Охрид и Демир Капија. Најтопло утро имало во Битола, Прилеп, Претор и Гевгелија, каде минималната температура изнесувала 4 степени.
Во текот на денот времето ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Попладне и во текот на ноќта се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, додека на планините врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, а дневната максимална температура ќе се движи од 5 до 10 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и тивко, со појава на магла во утринските часови. Кон крајот на денот и во текот на ноќта се најавуваат повремени врнежи од дожд, а максималната температура ќе достигне до 6 степени.
