ВИДЕО Голем пожар во фабрика во Русија, две лица загинаа, 72 се повредени

Све лица загинаа откако во понеделникот избувна голем пожар во петрохемиска фабрика во рускиот регион Татарстан поради неидентификувана грешка, изјави сопственикот на фабриката.

„Според последните информации, две лица загинаа во инцидентот. Осум лица се хоспитализирани. Останатите 64 кои побарале медицинска помош претрпеле полесни повреди“, се вели во соопштението на Сибур, најголемата руска петрохемиска компанија и сопственик на фабриката.

Повеќе од 150 пожарникари со 54 возила беа вклучени во гаснењето на пожарот во пространиот комплекс кој произведува синтетичка гума и пластика. Пожарот е ставен под контрола. 19 екипи за итни случаи работат на местото на настанот, а од Казањ е испратен и хеликоптер за итна медицинска помош.

Скршени прозорци во станбени згради
„Медицинските служби се на местото на настанот, а на жртвите им е пружена потребната помош“, рече Сибур, додавајќи дека експертите го следат квалитетот на воздухот во областа и не идентификувале никакви закани за животната средина или локалното население.

Претходно денес, рускиот регулатор за воздухопловство накратко воведе ограничувања на локалниот аеродром во Нижнекамск, околу 1.000 километри источно од Москва.

Рускиот истражен комитет отвори истрага за инцидентот поради кршење на правилата за индустриска безбедност. Истражителите ги утврдуваат околностите на инцидентот.

Радмир Белјаев, локалниот градоначалник, во соопштението изјави дека во неколку станбени згради биле скршени прозорци. Снимките на социјалните мрежи покажаа голем облак чад што се издига од комплексот, а непотврдени медиумски извештаи велат дека силна експлозија го предизвикала пожарот.