Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес денеска (16 јануари 2026) одекна свечената заклетва на новата генерација професионални војници. Во присуство на највисокиот воен и државен врв, како и нивните семејства, новопримените припадници официјално стапија во служба на Армијата.
Свеченоста во Командата за обука и доктрини (КОД) го означи почетокот на нивната кариера, при што министерот за одбрана и началникот на Генералштабот упатија силни пораки за одговорноста што ја преземаат.
Мисајловски: Ова не е само формалност, туку завет
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во своето обраќање нагласи дека униформата носи тежина и обврска кон граѓаните.
„Со давањето на свечената заклетва вие направивте суштински исчекор во вашите животи. Тоа не се само зборови, туку ветување кое ве поврзува со народот и со татковината, дека токму вие ќе бидете штитот на државата“, порача Мисајловски.
Тој вети дека Министерството и Генералштабот ќе продолжат интензивно да работат на подобрување на условите за работа и унапредување на правата на припадниците, со цел Армијата да остане силна и мотивирана.
Лафчиски: Привилегија е да се биде дел од НАТО армија
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, ги потсети новите војници дека влегуваат во систем кој нуди врвна обука и меѓународна афирмација.
„Пред вас се отвораат можности за постојано усовршување, учење од најдобрите и учество во меѓународни мисии, каде што ќе можете да ги демонстрирате вашите вештини и професионализам“, истакна генералот Лафчиски.
Со овој чин, новите војници и официјално ја презедоа уставната и законска обврска за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

