Економскиот аналитичар Синиша Пекевски алармира дека цените на одредени производи во Македонија се повисоки во споредба со повеќе европски земји, отворајќи прашања за функционирањето на пазарот и ценовната политика.
Тој во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ посочува дека, според неговото лично искуство од патувања и престој во странство, разликите во цените се значителни.
„Треба да видиме зошто цените во маркетите се толку високи. Во Европа вино може да се најде за 3 евра, додека кај нас достигнува и до 8 евра – нешто не е во ред“, вели Пекевски.
Тој додава дека слични разлики има и кај други производи, нагласувајќи дека во земји како Литванија, Португалија и Словенија, цените на дел од артиклите се пониски отколку во Македонија.
Според него, ваквата состојба укажува на потреба од подетална анализа на трговските маржи, увозните цени и конкурентноста на домашниот пазар.
Изјавата на Пекевски доаѓа во време кога граѓаните сè почесто реагираат на растот на цените на основните производи и трошоците за живот.
