Владата ќе го обесштети фармерот од Костурино чии јагниња и овци се удавија при поплава

Владата ќе го обештети фармерот Никола од Костурино чии 220 јагниња и овци се удавија при поплава која го погоди овој крај.

Веста ја сподели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски кој беше на посета во селото.

„Во рамки на мојата посета и во разговорот со Никола, неколку работи беа посочени, а тоа е дека Општината веќе на вчерашната седница има формирано комисија за процена на штети од невремето што се случи. Комисијата е составена и од претставници од Министерството, ќе направат проценка во делот на оштетување на неговиот имот“, рече министерот.

Тој додаде дека фармерот Никола согласно процедурите и законот ќе биде обесштетен од страна на Владата.

„Дополнително, заедно со Сојузот на одгледувачи на овци, во рамки на нивното здружување, анимирани се членките. Секоја од нив, во согласност со своите можности, ќе помогне со жива стока која ќе му биде донирана на Никола“, посочи Трипуновски.

Исто така, министерот истакна дека е во комуникација и со општествено одговорни компании од регионот, кои ќе помогнат со донација на градежни материјали за изградба на нова штала, со што фармерот ќе може да продолжи со одгледување на преживеаните овци и оние кои ќе ги добие.