ЈСП Скопје ги предупреди граѓаните дека фејсбук-профил под името „Јавен превоз Скопје“ шири лажни информации за продажба на картички Скопска.
Според објавата, картичките се нудат за симболична цена од 145 денари, со ветување за бесплатен превоз во сите видови јавен превоз во градот, што е апсолутна измама.
„ЈСП Скопје утврди лажна вест со која е ФАЛСИФИКУВАНО логото на електронската картичка Скопска објавено на социјалните мрежи од страна на група наречена Јавен превоз Скопје, која не е поврзана со Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Се работи за измама со лажен линк што краде податоци од платежните картички на граѓаните“, велат од ЈСП.
Во октомври 2024 година, ЈСП Скопје воведе нова услуга за купување билети преку телефонски број 185 и мобилната апликација „Skopjebus“. Со оваа иновација, патниците можат да купат билет за градски превоз само со еден повик, без потреба од валидатор. После повикот, ќе се чуе сигнал и говорна порака која потврдува дека билетот е купен по стандардната цена од 40 денари, а патникот ќе добие СМС порака како потврда за успешната трансакција.