За време на велигденскиот викенд можен бил колапс на македонскиот електросистем. Проблемот настанал поради големото производство на електрична енергија од фотоволтаичните централи. Вишокот струја немало каде да се продаде, изјави денеска директорот на МЕПСО Бурим Љатифи, пишува Блумберг Адриа.
За да не дојде до хаварија на системот МЕПСО и електродистрибуција во периодот од 18 до 21 април по своја процена ги исклучувале фотоволтаичните централи од системот. Одобрение за исклучувањето дала Регулаторната комисија за енергетика, а компаниите, производители на струја, кои се оштетени со оваа мерка нема да добијат обесштетување. Сега, според директорот Љатифи, системот е стабилен.
„Имаше предизвици за време на викендов и затоа се преземени тие мерки, но тоа што можеме да го кажеме е дека правиме максимални напори да го стабилизираме системот и да немаме никакви проблеми во целата мрежа“, изјави тој.
Цените на електричната енергија во Европа паднаа под нулата во текот на викендот, бидејќи сончевото време го зголеми производството од соларните паркови.