ЗОО паркот „Бриони“ во Штип станува побогат пред Велигден: Пристигнуваат прасиња, волк, коати, лемури и лебед!

Штипскиот ЗОО парк „Бриони“ се подготвува за вистинско пролетно освежување. Пред празникот Велигден, капацитетите на паркот ќе бидат збогатени со шест нови видови животни, кои веќе стануваат дел од новата мапа на атракции во градот.

Љубителите на животните наскоро ќе можат да видат:

  • Бодликави и виетнамски прасиња;
  • Волк
  • Лемури
  • Коати
  • Лебед

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека во моментов екипите на ЈП „Исар“ интензивно работат на изградба на новите живеалишта. Целта е да се создадат соодветни услови за новите жители, но и да се понуди поубав амбиент за посетителите од целиот регион.

„Навистина ми е драго што овој парк прераснува во еден од поубавите во нашата држава, веднаш до скопската и битолската зоолошка градина. Секоја година ги прошируваме капацитетите и воведуваме нови животни, што е одлична можност за младите и граѓаните квалитетно да го поминат слободното време“, изјави Јорданов.

Овие новитети доаѓаат по неодамнешното проширување на семејството во „Бриони“, каде веќе се адаптираа две ему птици и еден гривест мајмун. Со новите содржини, Штип се етаблира како значајна дестинација за семеен туризам во Источна Македонија.