Адвокатот Петре Шилегов, кој застапува еден од обвинетите во случајот со пожарот во дискотеката Пулс, изјави дека трагедијата од пред една година претставува еден од најтешките моменти во поновата македонска историја.
Во гостување во Отвореното студио на 4ТВ.мк, Шилегов најпрво изрази сочувство до семејствата на загинатите.
„Веројатно тоа беше најтешкиот ден во македонската историја. Денеска сме на една година од најголемата македонска трагедија во поново време. Дозволете уште еднаш, човечки, да изразам сочувство до семејствата на сите луѓе кои ги загубија своите најблиски“, рече тој.
Шилегов посочи дека во процесот што се води, а за кој се очекуваат и јавни судења, има сериозни сомнежи во однос на обвинението.
„Немам двојба и сум недвосмислен во ставот дека ваквото обвинение не може да донесе правда. Може само да доведе до судски процес кој ќе трае многу долго“, изјави тој.
Според него, долгите судски постапки дополнително ја продлабочуваат болката кај семејствата на жртвите.
„Секој ден судење што ќе се организира е всушност нова голгота за семејствата на луѓето кои ги загубија своите деца пред една година“, нагласи Шилегов.
