Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска смета дека најавите за штрајк и прекин на водоснабудвањето во Скопје се закани.
Таа денеска на вонредна прес конференција го повика Обвинителството да реагира, за како што рече, заканата да не се реализира.
Според неа, штрајкот кој го најавува „Водовод“ не е за работнички права, туку за политички поени.
„Со оглед на фактот дека изминатите денови се шират шпекулации за наводни проблеми во функционирањето на јавните претпријатија. Ова конкретно се однесува на Водовод и Канализација, за кое информирам наспроти паниката која сакаат да ја креираат неколкумина лица, Градот Скопје има континуирано снабдување со вода. Најавите за штрајк и блокада, би сакала да кажам дека ги охрабрувам своето право на штрајк да го практицираат секогаш кога сметаат дека работничките права се прекршени. А до вработените сакам да апелирам да не дозволат да бидат инструмент на неколкумина поединци кои сакаат да се вплеткуваат во политички пресметки“, порача Арсовска.
Според неа, синдикалните организации треба да ги штитат правата на работниците, а не на неработниците.
„Нападите и заканите доаѓаат во момент кога е најавено департизација на Градот Скопје и има најава за оптимизација на работните процеси. Во конкретниот случај, овие лица кои наводно се борат за работничките права на десетина вработени, треба да ја кажат вистината зошто ова што се случува во овој момент, не е нешто што е борба за работнички права. Најавен беше прекин на водоснабдување во Град Скопје. Апелирам до Јавното обвинителство и сите кои што сметаат дека ова е индиција за попречување на работата на јавното претпријатие, да си преземат дејствија за оваа закана да не се реализира“, додаде Арсовска.
Таа вели дека претпријатието Водовод е претворено во биро за вработување, но додава дека вработените поради кои ССМ имаат реакции, и натаму работат во Водовод за истата плата, но за разлика од порано, сега имаат обврски и не седат во фотелјите.
„Водовод и Канализација не ги врши своите основни функции а тоа е да гради водоводна структура. Имаме дефицит на технички персонал, а имаме огромна бројка на администрација“, додаде таа.
Арсовска порача граѓаните да останат смирени затоа што градот ќе има непречено снабдување со вода.