ДУИ: Овој ден е симбол на континент кој низ тешки историски искуства успеа да изгради политичка архитектура заснована на мир, соработка и вредности

Демократската унија за интеграција им го честита Денот на Европа на сите граѓани на Република Северна Македонија.

„Овој ден е симбол на континент кој низ тешки историски искуства успеа да изгради политичка архитектура заснована на мир, соработка и вредности. За нас, тоа отсекогаш било повеќе од геополитичка ориентација – тоа е идентитетска определба.

Европската Унија е нашата стратешка цел уште од независноста.

Преку неа, ја артикулиравме внатрешната реформска агенда, го изградивме консензусот околу меѓуетничката еднаквост, и го дефиниравме нашето место во светот.

Полноправното членство не е награда – тоа е логичен исход на долгогодишни, понекогаш болни, но нужни одлуки што ги донесовме како општество.

Знаеме дека патот не е лесен. Но и во сложени внатрешни околности, како сериозна политичка партија остануваме убедени дека државата нема друга алтернатива освен да го продолжи европскиот пат – не декларативно, туку низ конкретни чекори, низ функционални институции, правна држава и доследно почитување на преземените обврски.

Истовремено, сме свесни дека денешна Европа се соочува со предизвици кои директно го тестираат нејзиното единство и вредносна кохезија – од енергетски и економски шокови, до воени закани и ревизионистички амбиции во нејзиното соседство.

Политичките актери во нашата држава имаат одговорност да не ја релативизираат оваа реалност, туку да се позиционираат јасно и усогласено со евроатлантските сојузници.

ДУИ останува посветена на заедничката заложба за Европа што е стабилна, безбедна и обединета – во која Северна Македонија не е само корисник, туку и активен учесник и сојузник“, велат од ДУИ.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното