Ховениер: САД сакаат да го видат Западен Балкан интегриран во Европа

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер изјави дека САД се заинтересирани да видат една обединета Европа, од која нема да бидат оставени надвор земјите на Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Приштина.

На меѓународната конференција „Самит на земјите од Западен Балкан 2022, градење мостови за мир, напредок и солидарност“, што во организација на „Економист“ и Владата на Косово денеска се одржува во Приштина, Ховениер рече дека стратешка цел на САД е во земјите од регионот и пошироко да владее мир и просперитет.

– Оваа (американска) администрација формира тим и им посветува внимание на низа прашања во регионот. Наши приоритети се развојот на регион во кој ќе владее мирот и просперитетот и поддршката на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европа, рече Ховениер.

Тој нагласи дека Вашингтон е заинтересиран за завршување на дијалогот меѓу Приштина и Белград, како и за зачленувањето на Косово во НАТО.

– Ние ги поддржуваме иницијативите, сé додека земјите кои учествуваат во нив се рамноправни. Во целиот регион имаме бројни програми кои ги финансираме, а тука во Косово имаме три стратешки цели. Сакаме дијалогот да заврши и Косово да стане дел од НАТО. Исто така сметаме дека треба да се направи повеќе за економскиот раст, а има предизвици и во енергетскиот сектор и во привлекувањето странски инвестиции, рече Ховениер.

Осврнувајќи се на војната во Украина, американскиот дипломат рече дека руската агресија е очигледен обид за дестабилизација на држави низ целиот свет. Конференцијата утрово ја отвори косовскиот премиер, Албин Курти, кој говореше за успесите на неговата влада во минатите година и половина од кога е на власт, пред сé во развојот на демократијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Од Република Северна Македонија на самитот учествуваат вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за информатичко општество, Адмирим Алити и заменикот министер за финансии, Филип Николовски.

Панел дискусиите на кои тие ќе имаат обраќања се предвидени за попладневната сесија на конференцијата. Покрај неколкуте претставници на Владата на Косово, на конференцијата учествуваат и над дваесет домашни и странски експерти и раководители на организации и институции од областа на безбедноста, економијата, финансиите, технологијата, животната средина итн., како и претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и шефот на канцеларијата на Европската унија во Приштина, Томаш Суниог.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното