Илиев и Стоилковски за 4ТВ: Тешко е кога спасуваш луѓе што ги познаваш

Интервенцијата при пожарот во дискотеката Пулс била исклучително тешка и емотивно исцрпувачка за пожарникарите, особено затоа што голем дел од жртвите биле нивни сограѓани, изјавија членовите на Доброволното противпожарно друштво од Кочани, Златко Илиев и Симе Стоилковски во гостување во Отвореното студио на 4ТВ.мк.

Тие посочија дека за време на интервенцијата се соочиле со повеќе предизвици, меѓу кои и нефункционален хидрант во близина на објектот.

„Слушнавме преку медиумите дека хидрантот најблиску до дискотеката не работел. До самиот ден имаше хидрантски ормар кој беше празен, што само покажува дека дискотеката технички не била исправна“, изјавија тие.

И покрај тоа, пожарот бил ставен под контрола со помош на противпожарните возила и опремата на пожарникарите.

„Гасневме нашите возила. Пожарот беше ставен под контрола благодарение на противпожарните единици од целиот регион“, истакнаа пожарникарите.

Тие нагласија дека сите пожарникари го дале својот максимум за време на интервенцијата, која, како што велат, ќе остане запаметена како една од најтешките во нивниот работен век.

„Тоа беше исклучително тешка интервенција. Голем дел од професионалните пожарникари ќе ја паметат целиот свој работен век“, велат тие.

Дополнителна тежина на ситуацијата давал и фактот што се работело за луѓе кои ги познавале.

„Најтешко беше што стануваше збор за наши сограѓани, за наши деца кои ги познаваме“, истакнаа тие.

Еден од пожарникарите посочи дека во текот на интервенцијата најпрво помислил на своите блиски и пријатели.

„Јас таа вечер требаше да бидам во дискотеката. Откако заврши работата, првата мисла ми беше да стапам во контакт со моите колеги и пријатели за да видам дали се безбедни“, рече тој.

Според него, сознанието дека во објектот можеби се наоѓаат нивни блиски луѓе им давало дополнителна мотивација да вложат максимални напори.

„Можеби токму тоа ни даваше плус сила – да дадеме сè од себе за да спасиме барем уште еден човечки живот“, истакнаа пожарникарите.