Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека се направени бројни измени во Законот за високо образование, со цел негово подобрување и усогласување со предлозите на наставниците.
Таа појасни дека законот за високо образование и законот за наука веќе се поставени на ЕНЕР, додека законот за квалитет ќе биде објавен во текот на денот. Меѓу измените е намалување на бројот на трудови за втор и трет циклус студии, како и усогласување на критериумите за општествено-хуманистичките науки, каде базата Scopus ќе биде релевантна, а Web of Science нема да биде исклучена.
Јаневска нагласи дека сите корективни забелешки ќе бидат разгледани пред законот да оди во владина процедура.
