„Камбаните да бијат, знамето на пола копје, училиштата да останат затворени“ – вечерва нови протести во Атина

Протестите во Атина продолжуваат. Според најавите вечерва треба да биде ратификуван Преспанскиот договор во Грчкиот парламент. За сега нема официјални информации дали тој ќе добие зелено светло во парламентот. Ципрас е уверен дека договорот е добар и ќе биде поддржан од страна на пратениците.

Во текот на дебатата, со цел да се успори процесот, повеќе од 200 пратеници се пријавиле за збор на пленарната седница на која на дневен ред е Преспанскиот договор кој беше склучен минатата година, на кој потписници се актуелниот Министер за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров и поранешниот Министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

Во Атина, на плоштадот Синтагма кој се наоѓа веднаш до парламентарната зграда пак и за денеска продолжуваат протестите. Како што велат организаторите на протестите, вечерва се очекува да бидат најмасовни, а се најавуваат и инциденти.

„Во среда на 23 и четврток на 24 јануари, никој од нас да не оди на работа. Продавниците, бизнисите, училиштата да останат затворени, државните службеници да не се појават во нивните служби, грчкото знаме на пола копје да се постави на секој дом, камбаните на црквите да бијат во знак на жалост. Секој Грк и секоја Гркинка, им го должиме тоа на оние кои ги оставија нивните семејства и се жртвуваа за Македонија да остане грчка, пред околу 100 години“, соопштуваат организаторите.

„Комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, организацијата која стои зад протестите против Договорот од Преспа, ги повикува Грците утре попладне, во пресрет на гласањето за ратификација на Договорот, да излезат на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент и „да го изразат нивното противење за криминалот што ќе биде извршен во парламентот“.

Извор: ТВ21