По Велибор Манев, денеска во Кривичниот суд со свое сведочење излезе и каратистот Боре Видевски, исто еден од обвинетите за убиствaтa на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски.
Тој вели дека со Манев се запознал многу одамна, односно на 14-15 години во извиднички клуб во Велес.
Како што вели, тоа не било дружење туку само биле таму.
„Можеби година или две сум бил член таму. Потоа се тргнав од таму и го немав видено долго време. Се среќававме на поминување, но само се поздравувавме. Се додека не ми се јави една вечер за да се видиме за да ми предложи да дадат потпис за формирање на политичка партија Десна. Палчо го запознав во просториите на партијата кај Опера хаус. Таму бев отиден за да дадам потпис на нотар. Познанството е на партиска основа. Влатко Кекишев го знам од таму од партијата, немав контакт со него. Потоа дознав дека работи како домаќин и како готвач“, вели Видевски.
Тој пред судот негираше дека договарале грабнувања и убиства, туку вели дека се договарало литија.
„Партијата Десна заземаше ставови кои јас ги поддржував, во прашање беше МПЦ-ОА, под одредени сознанија на претседателот на партијата Љупчо Палевски, сметавме дека има некаква војазност (стравување) дека има опасност да се смени името во Црква на Северна Македонија. Се заземаа ставови првично се креираше една декларација по тоа прашање, и имавме задача членовите да ги собираме тие декларации низ цела држава. Секој група имаше задача во различен регион низ Македонија. Целта беше да се соберат барем 150 илјади декларации најмалку. Потоа требаше да се направат повеќе литии, низ градовите на Македонија во тамошните цркви. Планот беше првата литија да се направи во Велес и за тоа подготовките започнаа во Велес“, вели Видевски.
Како што додава, тоа што сме го гледале на снимките од безбедносните камери била една таква подготовка.