Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Раната Пулс“ на 4ТВ се присети на моментот кога првпат дознал за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, нагласувајќи дека станува збор за шок кој, како што рече, никогаш нема да го заборави.
Коцевски раскажа дека веста ја добил во раните утрински часови, околу шест часот, кога му се јавил министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Ми соопшти дека во Кочани има околу 50 жртви во дискотеката и дека е таму со обвинителот, кој во тој момент не можел да се снајде. Беше недела и, искрено, прво не верував. Едноставно не можеш да поверуваш во таква информација. Првиот момент беше шок“, изјави Коцевски.
Тој опиша дека и денес, кога се навраќа на настанот, чувствува морници од сцените што ги затекнале на местото.
„Тоа што го видовме беа остатоци од чевли и лични предмети од луѓето кои бегале и трчале. Сликата беше навистина страшна“, рече Коцевски.
Според него, обвинителскиот тим во прв момент не влегол во објектот, бидејќи било потребно да пристигнат обвинители и стручни лица кои треба да извршат увид.
„Надворешно тоа што го забележавме беше доволно да се види колку е трагична ситуацијата. Во тој момент со обвинителите проверувавме каде има безбедносни камери и како тие да се обезбедат како доказ“, додаде поранешниот државен јавен обвинител.
