Македонец приведен во Србија – прегазил пешак па избегал

Драматична полициска акција заврши со апсење на 33-годишен стружанец, осомничен дека предизвикал тешка сообраќајна несреќа со смртни последици во Србија, по што се обидел да избега од местото на настанот.

Според информациите, станува збор за лицето Н.К., кој по налог на Основното јавно обвинителство во Лесковац бил приведен под сомнение дека управувајќи камион усмртил пешак.

Несреќата се случила ноќеска на автопатот Врање – Лесковац, во близина на исклучувањето за Грделица. Како што пренесуваат српските медиуми, осомничениот управувал камион „Волво“ во правец кон Лесковац, кога удрил во 57-годишен пешак од Грделица.

Од здобиените повреди, пешакот починал на самото место.

Наместо да застане и да укаже помош, возачот го напуштил местото на несреќата, по што била покрената потрага. По интервенција на полицијата, тој бил лоциран и уапсен дури 320 километри подалеку, во близина на Сремска Митровица.

Надлежните органи работат на целосно расчистување на случајот, по што се очекува против осомничениот да биде поднесена соодветна кривична пријава.