МАКЕДОНИЈА ТАГУВА: Почина Васил Рингов, најголемиот фудбалски џентлмен и мајстор на головите

Македонскиот фудбал денеска е во црнина. На 70-годишна возраст, по кратко боледување, почина Васил Рингов – човекот кој беше синоним за фудбалска мајсторија, чест и достоинство. Со неговото заминување завршува една златна ера на македонскиот и југословенскиот фудбал.

Рингов не беше само играч, туку икона која остави неизбришлива трага на терените ширум поранешна Југославија и Европа. Својот пат го започна во родната Струмица, во дресот на Беласица, по што неговиот талент го однесе до најголемите регионални центри.

Најдлабок белег и статус на вистинска легенда стекна во скопски Вардар. За „црвено-црните“ одигра повеќе од 200 натпревари и постигна неверојатни 93 гола, предводејќи ја генерацијата која со гордост го претставуваше македонскиот фудбал во силната Прва југословенска лига.

Покрај Вардар, Рингов настапуваше и за великаните како белградски Партизан и загрепски Динамо, а својата интернационална кариера ја градеше во германскиот Ајнтрахт Брауншвајг. Во домашниот шампионат, покрај за Беласица, настапуваше и за тетовски Тетекс.

Од Фудбалската репрезентација на Македонија се простија од него со исклучително емотивна порака, нагласувајќи дека денес не се жали само за фудбалер, туку за голема личност.

„Денес не жалиме само за човек, туку за едно време на мерка, чест и достоинство. Има луѓе што не си заминуваат. Само се повлекуваат чекор наназад, за да нè гледаат од тишината. Васил Рингов беше од тие – тивок, исправен, свој. Фудбалот за него не беше сцена, туку одговорност“, стои во соопштението.

Спортската јавност ќе го памети како човек на кој делото му беше поважно од зборот, а чесноста посилна од секој резултат на семафорот. Како што велат неговите колеги и почитувачи: „Некои си одат, ама остануваат во игра“.

Почивај во мир, легендо!