И покрај глобалните геополитички турбуленции и макроекономски предизвици, Македонската берза покажува отпорност со остварен вкупен промет од околу сто милиони евра во првите девет месеци од годинава. Во меѓувреме, Министерството за финансии најавува активни чекори, вклучително и даночни измени, за дополнително да го заживее пазарот на капитал и да го направи достапен извор на финансии за компаниите.
Според главниот извршен директор на Берзата, Иван Штериев, остварениот промет е за само шест милиони евра помал од истиот период минатата година, која се смета за една од најуспешните, што претставува добро постигнување во актуелните услови.
„Ценовните движења продолжија со бавен пораст, индексот главен МБИ 10 оваа година е пораснат за 2,5 проценти, но да се потсетиме дека ако го споредиме со неговата вредност пред пандемската 2019-та е пораснат за 125 проценти, што е одлична перформанса“, изјави Штериев.
Од своја страна, министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, најави дека Владата активно работи на зајакнување на пазарот на капитал како алтернативен извор на финансии за компаниите кои немаат пристап до традиционалното банкарско кредитирање. Таа откри дека Министерството веќе потпишало Меморандум за соработка со седум земји-членки на ЕУ за интегрирање на пазарите во Југоисточна Европа.
„Активно се работи на тој процес и верувам дека во периодот што следи, навистина преку промени во даночната легислатива, но и заедничко работење со Македонската берза ќе успееме да го заживееме пазарот… со што ќе имаме поуспешни компании кои полесно ќе стигнуваат до дополнителен капитал“, рече Димитриеска Кочоска.