Денеска (12 јануари) Македонската православна црква го чествува споменот на еден од најголемите современи подвижници и чудотворци на нашето поднебје – Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички.
Роден во Штип, овој светител е симбол на најстрогиот монашки подвиг, тихувањето и духовната чистота. Неговиот живот е чудесен пат од Света Гора до пештерите на Лесновскиот манастир.
Од Света Гора до Лесновските пештери
Во 1963 година, тој заминува на Света Гора каде се замонашува во манастирот „Свети Павле“. Таму живеел повлечено, избегнувајќи контакти со луѓе за да се посвети на Бога. Но, Божјата промисла го враќа назад во родната Македонија, во древното светилиште – Лесновскиот манастир.
Подвиг кој го надминува човечкото
Житието на Свети Гаврил опишува надчовечки напор и аскетизам:
- Без сон и одмор: Речиси никогаш не спиел, а кога го правел тоа, лежел на гола земја или на тврда рогозина.
- Пост и молитва: Иако бил исклучително слаб поради строгиот пост, зрачел со огромна виталност и енергија. Непрестајно ја практикувал „умно-срдечната молитва“.
- Самотија: Тишината му била најдобар пријател. Често се повлекувал во двете пештери близу манастирот за да тихува.
Дар на прозорливост и чудотворство
Поради својата чистота, од Бога добил дар да ја гледа иднината (прозорливост) и да прави чуда. Иако копнеел по самотија, во 1989 година од послушание прифатил да биде хиротонисан за Епископ со титула Велички.
Си ја предвидел смртта и самиот си отслужил опело
Свети Гаврил точно знаел кога ќе го напушти овој свет.
- Пред смртта, самиот за себе отслужил 40 заупокоени Литургии.
- На 12 јануари 1990 година, со Евангелието и крстот на градите и бројаница во раката, мирно ја предал душата на Бога.
Погребан е зад олтарниот дел на Лесновскиот манастир, покрај неговиот телесен татко и духовен син, монахот Кирил. Неговите мошти денес се сметаат за исцелителни.
