Мисајловски: Македонски војници во Украина не треба да има, фокусот треба да биде на мирно решение

Македонскиот министер за одбрана, Владо Мисајловски, во интервју за Гласот на Америка истакна дека не гледа потреба од присуство на македонски војници на украинска територија. Според него, приоритет треба да биде постигнување мировно решение кое ќе гарантира долгорочна стабилност.

„Најважно е да се воспостави мир и да се дојде до взаемно решение кое ќе гарантира долгорочна стабилност. Паралелно со тоа, можеме да разговараме за натамошните форми на помош,“ изјави Мисајловски.

Тој нагласи дека Македонија е земја која поддржува мирно решавање на конфликти и дека секоја одлука за дополнителна помош ќе зависи од развојот на ситуацијата.

„Ние сме земја за мир. Прво треба да се најде решение, а потоа да видиме како можеме да помогнеме како држава. Кога ќе дојде време, ќе го изразиме нашиот став,“ додаде министерот.

Во однос на можноста за расправа за ова прашање во меѓународни рамки, Мисајловски посочи дека засега нема конкретно барање за испраќање војници, но дека во наредните недели тоа може да стане тема за подлабока дискусија меѓу различни земји.

„Засега нема такво барање, но има различни размислувања. Очекувам дека во наредните недели ова ќе биде едно од прашањата за кое ќе се размислува поопсежно. Но, пред сè, треба да се работи на наоѓање мирно решение,“ заклучи министерот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното