Ненад Марковиќ од хрватскиот град Вировитица дури и не знаел дека системот го прогласил за мртов сè додека не се обидел да купи ваучер за мобилен телефон. Кога неговите картички престанале да работат, тој го контактирал својот мобилен оператор и бил шокиран. „Ве блокиравме затоа што сте мртов“, бил одговорот на операторот. Му било советувано да оди во матичната служба за да го „оживеат“, изјавила жртвата за ХТВ, објави хрватскиот медиум Индекс.
Се покажа дека во болницата Вировитица имало мешање на идентитети. Таму починал човек со исто име и презиме. Поради оваа грешка, Марковиќ бил регистриран во системот како починат.
Директорот на Општата болница Вировитица, Динко Блажевиќ, потврди дека е започната интерна истрага. Најверојатно станува збор за административна или човечка грешка.
Министерката за здравство Ирена Хрстиќ изјави дека е прерано да се извлекуваат заклучоци, но дека очекува детален извештај.
Хрватското здружение за промоција на правата на пациентите го осуди случајот и побара итно воведување на дигитални и организациски механизми во системот.
Се испостави дека откако грешката била откриена, податоците биле исправени и тој може да зборува по телефон, но неговите проблеми не се завршени. Тој сè уште нема пристап до своите пари сè додека не му биде издадена нова лична карта.
