Во судир меѓу два брзи воза во Адамуз, во близина на Кордоба, Шпанија, загинаа најмалку 39 лица, а повеќе од 150 беа повредени. Трагичната несреќа се случила кога еден воз излетал од шините и преминал на соседната пруга.
Несреќата се случила околу 19:40 часот кога последните три вагони од возот „Ирјо“, кој превезувал 317 патници на линијата Малага – Мадрид, излетале од шините на влезот во Адамуз. Вагоните преминале на соседната пруга, која во тој момент минувала покрај возот „Ренфе“ од Мадрид до Хуелва во спротивна насока, со брзина од околу 200 км/ч, што исто така предизвикало и негово излетување од шините.
Во Адамуз продолжува работата за извлекување на сите жртви од вагоните што излегоа од шините. Вагоните, кои станаа куп извиткано железо, паднаа по насип висок четири метри.
Бројот на жртви се искачи на 39, според последните информации потврдени од извори од истрагата. Покрај тоа, 152 лица се повредени и префрлени на медицинска помош: петмина се во критична состојба, 24 се тешко повредени, додека преостанатите 123 имаат повреди со различна тежина.
Меѓу 24-те тешко повредени има и четворица малолетници, објавија шпанските медиуми.
Возот Ирјо 6189 сообраќал на линијата Малага-Мадрид. Тргнал од почетната станица во 18:40 часот со 289 патници, четири члена на екипажот и еден машиновозач. Во 19:45 часот, од сè уште непознати причини, возот влегол на соседната пруга, се вели во новото соопштение од компанијата.
Возот вклучен во несреќата, како што веќе наведовме, е од ново производство, изграден во 2022 година, а последниот преглед го поминал на 15 јануари. Несреќата се случила на рамен дел од пругата, како што потврди министерот за транспорт Оскар Пуенте.
Претседателот на „Ирја“, Карлос Бертомеу, пристигна на местото на несреќата, а синоќа таму беше и извршниот директор на компанијата, Фабрицио Фавара, за да им пружи поддршка на спасувачките екипи на терен и да го следи развојот на ситуацијата.

