Одбраната на Нацев тврди: Обвинението е конструкт од претпоставки, тој не бил реален сопственик на „Рубикон“

Во судницата каде се одвива процесот за трагичниот пожар во кабарето Пулс од 16 март 2025 година, одбраната на првообвинетиот Александар Нацев денеска го изнесе својот воведен говор.

Адвокатот на Нацев тврди дека неговиот клиент е жртва на конструирано обвинение и дека тој во ниту еден момент не делувал како реален сопственик на агенцијата за обезбедување Рубикон Секјурити Солушнс.

Вработен, а не газда

Според одбраната, клучната теза на Обвинителството – дека Нацев бил неформален сопственик кој раководел со агенцијата заедно со управителот Јан Јанчевски – е неоснована. Адвокатот истакна дека Нацев бил вработен во фирмата како консултант, ангажиран поради неговата експертиза во областа на безбедноста, а не како лице со овластувања за раководење.

Обвинителството не може да докаже никаква поврзаност на Нацев со ова правно лице пред 2024 година. Ова е неспорен факт, бидејќи тој тогаш станал вработен. Тезата дека е реален сопственик е само систем од замислени претпоставки, изјави одбраната.

Непостоење на договор за физичко обезбедување

Еден од главните аргументи на одбраната е дека помеѓу Рубикон и кабарето Пулс не постоел писмен договор за физичко обезбедување, што е законски предуслов за одредување на одговорноста. Според адвокатот, агенцијата делувала само како оператор на услуги, а не како субјект со целосна одговорност за безбедносните протоколи во објектот.

Одбраната посочи дека вработените во Рубикон критичната вечер не биле задолжени да го контролираат бројот на гости, немале обврска да ја проверуваат исправноста на влезовите и излезите, ниту пак биле должни да поднесат план за обезбедување до МВР, бидејќи на терен биле ангажирани само тројца обезбедувачи, а законот предвидува план за над пет лица.

Критика на интегрираното обвинение

Адвокатот на Нацев упати остри критики кон обвинителот, тврдејќи дека временската рамка во интегрираното обвинение е намерно стеснета за да се прилагоди на периодот кога Нацев веќе бил вработен во Рубикон. Тој нагласи дека во слични светски трагедии како тие во Романија, Бразил и САД, ниту еднаш не биле обвинети сопственици на агенции за обезбедување.

Херојство наместо вина

Наместо вина, одбраната најави дека преку сведоци ќе докаже дека вработените во Рубикон ноќта на пожарот дејствувале како пожарникари и медицински лица, ризикувајќи ги сопствените животи за да спасат што повеќе гости.

Александар Нацев со ниту едно свое дејствие или пропуштање не го предизвикал пожарот. Тој не може да се товари за непреземање дејствија кои законски или договорно не бил обврзан да ги преземе, заклучи одбраната.