Цените на нафтата повторно пораснаа на азиските утрински тргувања, при што суровата нафта од типот Брент повторно надмина 100 долари за барел, бидејќи загриженоста за понудата повторно се појави откако Иран негираше дека водел разговори со САД за прекин на конфликтот во Заливот, што е спротивно на сугестијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека наскоро може да се постигне прекин на огнот, објави Ројтерс.
Фјучерсите за суровата нафта „брент“, реперната цена за Европа, се зголемија за 4 долари, или 4 проценти, на 103,94 долари за барел утрово.
Американската лесна сурова нафта се зголеми за 3,49 долари, или 4 проценти, на 91,62 долари за барел.
Цените на суровата нафта паднаа за повеќе од 10 проценти вчера откако претседателот Трамп објави петдневно одложување на американските напади врз иранските електрани, велејќи дека САД одржале разговори со неименувани ирански претставници кои довеле до „главни точки на договор“.
„Со одложување на планираните напади врз иранските електрани за пет дена, САД ефикасно отстранија голем дел од „воената премија“ од цената на нафтата“, рече Тим Вотерер, главен пазарен аналитичар во брокерската фирма.
Сепак, трговците се свесни – и покрај најавеното одложување на ракетните напади, времето кога Ормускиот теснец ќе биде безбеден за бродови е сè уште далеку, верува тој.
