Исчезнато повозрасно лице од с. Степанци во Општина Штип не е пронајдено, иако вчера во потрагата се вклучија околу 70 до 80 лица, а во некои подалечни реони околу другите соседни села имаше и други коишто пребаруваа во поединечни групи.
Лицето последен пат било видено пред една недела, во саботата на 05.04.2025 година.
Беше пријавено за исчезнато на 07.04.2025 година во 16.20 часот преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Во последните неколку денови на потрагата се приклучија и доброволци и членови од повеќе здруженија.
Инаку, во почетокот беа известени МВР Штип и Локална самоуправа Штип, а потоа секако и други институции и служби, здруженија и граѓани коишто можат да помогнат, информираше Регионалниот ЦУК Штип до Секторот за операции и координација во ЦУК.
Во текот на вчерашниот ден (12.04.2025) на зборното место кај продавницата во с. Лакавица големиот број доброволци и лица од институциите, службите и здруженијата се поделија во групи и по правци на пребарување беше поголем реон. Истовремено, со неколку дронови (3-4, и службени и приватни) систематски беа пребарувани местата каде што беа тешко достапни, подлабоки долови, а и течението и вировите на надојдената рекичка Лакавица.
Беа вклучени од страна на МВР 10 полицајци, потоа 10-на извидници – членови на Извиднички одред „ЕКВИНОКС – Штип“, ловци – членови на ЛЗ „Ловец“ од Штип, доброволци – вработени од РЦУК Штип, лица од локално население од блиските села околу Степанци, роднини на исчезнатото лице. Одредени групи од подалечните села самостојно вршеа претрага во нивните реони.
Инаку, ловочуварите од ловиштето „Лакавица – Патрик“, директно на нивна територија вршеа пребарување и индиректно – преку редовно прегледување на снимките од видеокамерите на терен.
Роднините на исчезнатиот, иако повозрасното лице не е пронајдено, изразија благодарност до сите коишто несебично се вклучија или индиректно помогнаа во потрагата.