Реџепи се појави во јавноста, продолжуваат разговорите за ново мнозинство

Мирен, со чиста совест пресеков во корист на иднината, затоа што има сигнали дека за Македонија во декември ќе има друга, поинаква европска приказна и шанса. Вака пратеникот Кастриот Реџепи ја образложи одлуката зошто во четвртокот не се појавил на седницата и не гласал за доверба на владата, иако го стави потписот во мнозинството на опозициските партии.

Пред новинарите раскажа дека сакал да дојде на седницата, и да гласа против рушење на владата, но го предомислил фактот што пратениците од ДУИ и СДСМ нема да присуствуваат, па проценил дека ќе биде мета на вербален и физички напад. Одлучил да се засолни кај пријател за што не кажал ни на членовите на семејството, ни на сопартијците.

Вели дека добивал заканувачки пораки кои се пријавени во полицијата, но не откри од кого се. Прашан зошто го ставил потписот на иницијативата за ново мнозинство, а потоа не се појавил да гласа, Реџепи рече дека не можел да го стори тоа бидејќи тогаш Македонија ќе имала неизвесна иднина. Дополнително по разговорите со дипломатски претставници и сигналите кои стигнале од Макрон и Руте, како и оставката која не ја поднел Заев, го предомислиле во намерата да дојде во парламентот.

Реџепи оцени дека сега не е моментот за брзи предвремени избори, а во Собранието и натаму ќе делува како пратеник на движењето Беса, бидејќи не добил никакво известување дека е исклучен од партијата ни дека формално Беса е излезена од коалицијата со владата на СДСМ и ДУИ. Додека не се измени неговиот статус, тој рече дека нема да преминува во други партии.

Дека се водат разговори за формирање ново мнозинство, потврди министерката за одбрана Шекеринска. Вели дека тие успешно и брзо ќе завршат. Треба квалитетни, а не брзи решенија во процесот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара премиерот Заев да ја ефектуира најавата за оставка и да замине од функциите. Велат дека водат пазарџиска политика од партијата, и го обвинија дека киднапирал пратеник за да не гласа против неговата влада.

Во четвртокот откако не беше изгласана недоверба на владата, и Реџепи не се појави на седницата, ниту една од партиите нема 61 пратеник, односно потребно мнозинство во парламентот.

Викторија Милевска | МРТ

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното