Највисоката цена за квадратен метар што лани ја платил нов сопственик на стан во Скопје изнесува 3.784 евра. Сепак, според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, просечните цени на становите се значително пониски.
Во општината Центар просекот е 1.600 евра за квадрат, во Карпош 1.400 евра, додека во Аеродром и Кисела Вода изнесува 1.200 евра за квадрат.
Разликите во цените меѓу најатрактивните општини се големи, а причината за тоа ја објаснува Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на градежни материјали и неметали.
„Темата е се поактивна со оглед на постојаниот раст на цените на становите. Побарувачката е многу поголема од понудата, па сè додека луѓето имаат можност да платат за тоа што го добиваат, ќе има раст на цените. За жал, се појавија бариери кои порано беа незамисливи, како 3.000 или 3.500 евра од квадрат. Но, апелирам до граѓаните овие изолирани случаи да не ги земаат за репер, бидејќи тоа не се актуелни просечни цени за сите станови“, појаснува Серафимовски.
Според него, високиот износ на поединечни трансакции најчесто се должи на специфични фактори, како избор на локација или посебни услови, а не на основната побарувачка за живеалиште.
Очекувањата се дека движењето на цените ќе продолжи да расте, особено во центрите на градот каде побарувачката ја надминува понудата.
