СВЕТИТЕ 20.000 НИКОМИДИСКИ МАЧЕНИЦИ: Изгореа живи во црква на Божик, одбивајќи да се поклонат на идолите

На денешен ден (28 декември по стар стил / 10 јануари по нов) Православната црква го чествува споменот на Светите дваесет илјади маченици од Никомидија. Ова е потресната историја за нивната жртва во името на Христа, која се случила во 302 година.

Во времето на свирепиот римски цар Максимијан Херкул, христијанството во градот Никомидија доживувало вистински процут. Гледајќи го напредокот на Христовата Црква, царот се исполнил со гнев и сковал пеколен план за масовно истребување на верниците.

Се вчитува...

Огнен обрач околу храмот

Царот дознал дека сите христијани ќе се соберат во соборната црква за да го прослават Рождеството Христово (Божик). Тој наредил војската да ја опколи црквата токму на празникот, веднаш по полноќ, кога богослужбата веќе била започната.

Никој не смеел да излезе надвор. Царскиот пратеник влегол во преполниот храм и ја соопштил страшната уцена: „Или веднаш ќе им принесете жртва на идолите, или сите ќе бидете изгорени!“

„Зарем ние да не ги положиме душите за Него?“

Во тој миг на смртна опасност, наместо страв, меѓу верниците завладеала божествена ревност. Архиѓаконот на црквата застанал пред народот и со силен глас ги потсетил на тројцата младенци во печката Вавилонска, охрабрувајќи ги со зборовите:

„Погледнете, браќа, кон жртвеникот на Господовиот олтар и разберете дека на него сега за нас се жртвуваше нашиот Господ Кој е вистински Бог; зарем ние да не ги положиме за Него нашите души на ова свето место?“

Народот едногласно одбил да се поклони на идолите, подготвен да умре за Христа. Во тие мигови, сите огласени (некрстени верници) биле веднаш крстени и миропомазани во храмот.

Чудото по пожарот

Војниците ја запалиле црквата од сите четири страни. Дваесет илјади христијани – мажи, жени, деца и девојки – изгореле во пламенот, не престанувајќи да пеат и да Го слават Бога до последниот здив.

Преданието вели дека пет дена по страшниот настан, додека урнатините сè уште тлееле, наместо мирис на изгорено, од местото се кревал чад со неописливо опоен мирис, а над пепелиштето се појавувала необична златозарна светлина. Овие маченици примија венец на вечна слава во Царството Господово во 302 година.