ВИДЕО Инцидент на Попова Шапка: Фатени диви тури со ратраци – операторот ги загрозил животите на ренџерите

Тензично било денеска на падините на Шар Планина. Раководството на Националниот парк „Шар Планина“ и ренџерската служба се соочиле со сериозен инцидент при обид да воведат ред во движењето на моторни возила во заштитените зони.

При вонредна контрола на Попова Шапка, фатен е оператор кој на државно земјиште, без никаков договор, вршел дејност скијање со пет ратраци.

Обид за прегазување на службени лица?

Она што требало да биде рутинска контрола, прераснало во драма. Од Националниот парк информираат дека вработените биле попречени во вршењето на службата, а безбедноста им била директно загрозена.

„Нелегитимните постапки на операторот создадоа директен ризик за животот и безбедноста на вработените, со што беше оневозможено спроведувањето на задачите“, се вели во соопштението на ЈУ НП Шар Планина.

Поради сериозноста на инцидентот, Паркот ќе поднесе пријави до Министерството за внатрешни работи (МВР) и до Државниот инспекторат за животна средина.

Како резултат на контролата, веднаш е изречена забрана за движење на ратраците на конкретниот оператор. Од Паркот потсетуваат дека:

  • Скијање со ратраци е дозволено исклучиво во зоните за активно управување (не во строга заштита).
  • Операторите мора да имаат склучено договор со Јавната установа за да се регулира движењето и да се заштити биодиверзитетот.

Ренџерската служба најави дека контролите ќе продолжат со засилен интензитет за да се спречи уништувањето на природата од страна на нелегални оператори.