Задкулисни игри за Струга?! Левица и емисарите на Ахмети во мисија за спас на ДУИ?

Изборната трка за Струга влегува во решавачка фаза. Освен потврдените кандидати – независниот Менди Ќира поддржан од ВЛЕН и Арсим Далипи од Национална алијанса за интеграција (НАИ) во игра се појавува и генералната секретарка на Левица, Јована Мојсоска. Нејзината кандидатура, која јавноста ја доживува како „изненадување“, отвора сериозни сомнежи за вистинските мотиви.

Според информации од терен, зад овој потег стои еден поширок план. Во него се вклучени лидерот на Левица Димитар Апасиев, самата Мојсоска, како и Кренар Лога – опишан од соговорниците како емисар испратен директно од Али Ахмети. Заедно со Зијадин Села, тие кројат стратегија Мојсоска да го мобилизира македонското гласачко тело под слоганот „Струга повторно наша“, со што би се обезбедил втор круг и би се разбијале анти-ДУИ гласовите.

Премиерот Христијан Мицкоски, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител, остро реагираше на ваквите кандидатури.

„Тоа е уште еден начин да се фрли гума за спасување на Али Ахмети и на ДУИ. Ако навистина се натпреваруваат за победа, зошто не кандидират во Велес или Штип, каде имаат реални шанси? Зошто токму во Тетово, Гостивар и Струга, каде што немаат теоретска можност да победат? Целта е јасна – да се дисипираат анти-ДУИ гласовите и да се обезбеди опстанок на ДУИ“, изјави Мицкоски.