Во втората половина на 2025 година, Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) спроведе контрола на користењето боледувања кај здравствено осигурани лица, меѓу кои и припадници на полицијата. Анализата покажа дека 80 лица искористиле вкупно 514 боледувања, најчесто траејќи до седум дена, додека 171 боледување било до 15 дена, а 83 над 30 дена.
„Утврдивме неправилности кај 29 од контролираните 80 лица, што изнесува околу 37 отсто. Овие лица користеле 236 боледувања, од кои 100 биле оценети како неуредно издадени. Вкупно, тоа е околу 19,5 отсто од сите боледувања“ – изјави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
Тој посочи дека дел од боледувањата се оправдани, но дека се забележуваат злоупотреби, како на пример земање седум дена боледување, враќање на работа еден ден, а потоа отворање ново боледување под друга дијагноза. Некои осигуреници менуваат матичен лекар ако претходниот не сака да им издава боледување, а најекстремен случај бил со менување четири матични лекари во период од година и половина.
Клековски потенцираше дека непостоењето интегриран систем за следење на боледувањата го отежнува увидот и спречувањето на злоупотребите. ФЗОМ може да спроведува контроли само доколку работодавачот тоа го побара, како што било во случајот со МВР, Царината и АРМ, додека контролите во другите институции биле во помал обем.
За подобрување на системот се работи на проект финансиран од Европската унија, преку кој ќе се надгради постоечкиот систем за следење на боледувања. Проектот ќе трае две години, а избраниот конзорциум ќе ја спроведува имплементацијата.
Директорот на ФЗОМ најави средби со синдикатите и работодавачите за надминување на состојбите кои претставуваат товар за буџетот, бидејќи дел од работниците имаат право на 80, 90 или 100 отсто исплата на плата за време на боледување.
Најчесто користените дијагнози се болести на респираторниот систем, мускулниот систем и сврзното ткиво, како и дигестивниот систем.
За неправилности откриени во приватните и јавните здравствени установи, изречени се глоби во вкупна висина од 1,2 милиони денари. Од 105 контролирани приватни здравствени организации, неправилности биле утврдени кај 29, додека во јавните здравствени установи, неправилности биле откриени кај три специјалисти и две комисии.
„Во некои јавни клиники, околу 20 отсто од персоналот се на боледување, но ФЗОМ не може да ги контролира ако работодавецот не побара тоа“ – истакна Клековски.
