Зошто Вања го променила правецот на движење, наместо кон училиште продолжила по Партизанска кон Универзална?

Од домот до основното училиште Вања пристигнувала за 7 минути. Ова за медиумите го изјави мајка ѝ. Една минута помалку кажува и пресметката која ние ја направивме преку Google Maps ако Вања се движела преку Ленинова и Никола Тримпаре. Доколку пак се движела преку Мирослав Крлежа и Никола Тримпаре до училиштето би пристигнала за 7 минути. Во првата верзија има 400 метри, а во втората 500 метри. Пресметките ги правиме согласно изјавите од мајката на Вања.

Но Вања вчера не одбрала ниту една од овие две рути. Секогаш заедно на училиште одела со нејзината сестра, но вчера бидејќи пропуштала прв час, одлучила да оди сама. Вања живеела со својата мајка спроти фоната, а таткото на Вања на Партизански одреди. Најверојатно одела пешки, а со себе имала и мобилен телефон марка Ајфон.

Центар е добро покриен со мобилни предаватели, а има и 5G мрежа која дополнително прецизно може да лоцира уред кој е поврзан на мрежата. Од разговор со мајката на Вања, последниот сигнал кој е забележан од телефонот на исчезнатото девојче е лоциран на булеварот Партизански одреди спроти Универзалната сала. Информациите до неа ги споделила полицијата. Лоцирањето експертите го прават со помош на извештаи од телекомуникациските оператори. Се гледа на кои предаватели бил поврзан мобилниот уред, на која далечина и така од најмалку три предаватели се прави периметар и лоцира каде се наоѓал мобилниот телефон во тој момент. Но после тоа, мобилниот телефон е недостапен, а со тоа и не е поврзан на ниту една мрежа. Така локацијата се губи. Но, постои и друго сценарио, во кое девојчето да се движи во една насока (пешки или со автомобил), а друго лице да се движи со нејзиниот мобилен телефон, со цел да се прикријат докази.

Повеќе детали не се споделуваат. Полицијата денеска објави само детали како девојчето последно изгледало.

Од неофицијални информации и лица вклучени во потрагата 4NEWS.mk дознава дека Вања е не е забележана на снимка поставена од ниту една безбедносна камера, во близина на последниот сигнал од мобилниот телефон. Но овие информации не успеавме да ги потврдиме до објавување на текстот.

За три години исчезнале над 70 деца

Ова не е единствениот случај на исчезнато дете по коешто трага полицијата. За последните три години во Северна Македонија исчезнале над 70 малолетници, но најголем број од нив се пронајдени. На сајтот на МВР се уште се активни потрагите по шест деца на коишто им се губи трагата изминатите години. Меѓу последните е фотографијата и податоците за Петар Џобески, за кој од 25 февруари 2022 година, родителите се уште чекаат некаква информација каде е нивниот син. Џобески исчезна на десетгодишна возраст во Мариовско. Станува збор за дете со попреченост, по коешто долго траеше потрагата.

Во кумановски Средорек, пак, исчезнаа две петгодишни деца во 2010 година – Мирсада Хелдовиќ и Дане Мемеди. Во речиси ист период во Скопско, пак, беше пријавено исчезнувањето на малиот Митат Ибраими. Случаите кои имаа голем одек во јавноста, се уште немаат разрешница.

Повеќе од 250.000 деца исчезнуваат секоја година во Европа, а во Македонија просечно околу 300 лица од кои значителен број се деца, посочуваат од невладините организации.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.