Кина забрзано го шири својот нуклеарен капацитет и не покажува никаков интерес за преговори за контрола на оружјето, се наведува во најновиот, се уште необјавен извештај на Пентагон до кој дојде агенцијата Ројтерс. Најзагрижувачкиот податок е тајното распоредување на над 100 интерконтинентални ракети во близина на границата со Монголија.
Според американските разузнавачи, Пекинг го модернизира својот арсенал побрзо од која било друга нуклеарна сила на светот, додека официјалните кинески власти го отфрлаат извештајот како „обид за клеветење и намерно залажување на меѓународната заедница“.
„Полиња со силоси“ полни со ракети
Пентагон конкретно посочува дека Кина најверојатно веќе поставила повеќе од 100 интерконтинентални балистички ракети (ICBM) од типот ДФ-31 со цврсто гориво.
Овие проектили се сместени во т.н. „полиња со силоси“ – мрежа од специјални подземни бетонски бункери дизајнирани за складирање и брзо лансирање. Локацијата е стратешки избрана во близина на границата со Монголија, длабоко во внатрешноста на кинеската територија.
Трамп сака договор, Кина молчи
Овие сознанија се во директна спротивност со надежите на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој минатиот месец изјави дека работи на „план за денуклеаризација“ во соработка со Кина и Русија.
Меѓутоа, нацрт-извештајот на американската одбрана го тврди спротивното:
„И понатаму не гледаме никаков интерес кај Пекинг за преземање такви мерки или за сериозни разговори за контрола на вооружувањето.“
Целта: Подготвени за Тајван до 2027
Извештајот дава и застрашувачка временска рамка поврзана со Тајван. Се проценува дека кинескиот нуклеарен арсенал во 2024 година сè уште брои под 600 боеви глави, но експанзијата продолжува и се очекува до 2030 година да надмине 1.000 боеви глави.
Клучната година според Пентагон е 2027-ма.
„Кина очекува дека ќе може да води и да победи во војна против Тајван до крајот на 2027 година“, се наведува во документот.
Пекинг наводно ги усовршува воените опции за преземање на островот со сила. Една од стратегиите вклучува удари на оддалеченост од 1.500 до 2.000 наутички милји од кинескиот брег.
„Во доволни количини, тие удари би можеле сериозно да го попречат американското воено присуство во случај на конфликт во Азиско-пацифичкиот регион“, предупредува Пентагон.
Кина засега останува на ставот дека се придржува до „нуклеарна стратегија на самоодбрана“ и политика на ненапаѓање.
