Чак Норис беше легенда на акционите филмови

Акциската легенда Чак Норис, кој со децении беше симбол на сила и дисциплина, почина на 86-годишна возраст.

Норис бил хоспитализиран на Хаваи, а неговото семејство преку соопштение потврди дека починал во петокот наутро.

„Иако би сакале околностите да останат приватни, сакаме јавноста да знае дека беше опкружен со семејството и замина во мир“, соопштија неговите најблиски.

Во пораката тие нагласуваат дека за светот тој бил мајстор на боречки вештини, актер и симбол на непоколеблива сила, додека за нив бил посветен сопруг, грижлив татко и дедо и столб на семејството.

Роден како Карлос Реј Норис во Оклахома, тој уште во младоста се приклучил на американските воздухопловни сили, каде за време на службата во Јужна Кореја започнал да тренира боречки вештини. Токму таму го добил прекарот „Чак“, кој подоцна ќе стане светски препознатлив бренд.

Како актер, Норис се издвои со редок кредибилитет – не само што глумеше покрај легендарниот Брус Ли во филмот „The Way of the Dragon“, туку беше и вистински шампион во боречките вештини, со високи појаси во карате, таеквондо, џудо и други дисциплини.

Во текот на 70-тите и 80-тите години стекна огромна популарност со филмови како „The Delta Force“, „Missing in Action“, „Lone Wolf McQuade“ и „Code of Silence“, додека телевизиската публика го памети по улогата во серијата Walker, Texas Ranger, која се емитуваше од 1993 до 2001 година.

По кратка пауза, се врати на филмското платно во 2012 година со улога во „The Expendables 2“, заедно со други акциски ѕвезди.

Во подоцнежните години, Норис стана и интернет феномен, инспирирајќи бројни хумористични „меми“ за неговата наводна натчовечка сила. Покрај тоа, се појавуваше во реклами и беше активен во јавниот живот, поддржувајќи конзервативни политички ставови.

По завршувањето на воената служба, отворил ланец школи за карате, меѓу чии ученици биле и познати личности како Стив Меквин и Присила Присли.

Зад себе остави сопруга и деца, како и внуци, додека неговото наследство како актер и боречки уметник ќе продолжи да живее преку неговите улоги и влијанието што го остави врз милиони луѓе ширум светот.