Од петок маркетите, аптеките, но и продавниците за техника и мебел ќе мора да ги објавуваат цените своите производи.
Тие ќе се објавуваат на своите официјални веб страници каде треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава.
Обврската е согласно измените на Законот за заштита на потрошувачи кој стапува на сила на 18 април (петок).
Правилникот вели дека малиот, средниот и големиот трговец кој врши дејност трговија на мало согласно Националната класификација на дејностите ги објавува цените на стоките кои ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените (Ценовник).
Цените на стоките (тековната продажна цена, единечната цена, промотивната или попустната цена) за секој одделен продажен објект на трговецот се објавуваат на веб страницата соглaсно ставот (1) на овој член и ги содржат податоците утврдени во Прилогот, кој е составен дел на овој правилник.
Доколку од страна на трговецот се нудат промотивни или попустни цени, на веб страницата на трговецот треба да биде означена редовната цена, процентот или износот на намалувањето, како и времетраењето на промоцијата или попустот.
Како што е наведено во Правилникот, трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10:00 часот.
Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа.