Минималната плата што досега изнесуваше 18.000 денари од следниот месец ќе биде повисока за 2.175 денари и годинава бележи пораст од 12,55 проценти.
Согласно со Законот за административни службеници, како што најави денеска премиерот Димитар Ковачевски, ќе се изврши усогласување и на платите на 27 000 службеници.
– Како што ветивме, од април минималната плата ќе биде повисока за 2.175 денари и ќе изнесува 20.175 денари. Тоа значи дека над 12 проценти имаме зголемување на основната, минимална плата. Согласно Законот за административни службеници, ќе се усогласат останатите плати за 27.000 службеници, изјави Ковачевски по седницата на Економско-социјалниот совет.
Зголемувањето на минималната плата е направено согласно новата методологија за усогласување донесена во 2022 година по преговорите меѓу Владата, синдикатите и работодавачите. Согласно новата методологија, минималната плата се усогласува со 50 отсто од трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата.