Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно стави до знаење дека Владата е подготвена да инвестира во капацитетите и ресурсите на правосудниот систем, но дека во моментов не постои буџетски простор за зголемување на платите на вработените во овој сектор.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на барањата на новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески, за поголема финансиска поддршка, Мицкоски појасни дека Министерството за финансии веќе одобрило средства за значително доекипирање на судовите.
„Во делот на платите мислам дека нема простор за зголемување, а во делот на ресурсите и алатките се разбира дека тука можеме да разогвараме, да седнеме не само со Обвиниелството, туку и со судовите. Последното, колку што знам, врз основа на планот изработен од Судскиот совет, одобрени нови 200 вработувања за судовите низ земјава, нешто што претставува навистина голем потег“ – рече Мицоски.
Станува збор за вработување на 200 судски соработници низ целата земја, потег кој премиерот го оцени како исклучително голем и редок во правосудната пракса, нагласувајќи дека планот за овие вработувања е изработен самостојно од Судскиот совет без мешање на извршната власт.
Сепак, во однос на примањата, премиерот беше дециден дека со оглед на генералната економска состојба во државата, платите нема да растат, но остави отворен простор за дијалог за набавка на дополнителни алатки и ресурси за работа на обвинителите и судиите.
Оваа владина реакција доаѓа по првото обраќање на новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески, кој по свечената изјава во Собранието порача дека ефикасната борба против криминалот не е можна без соодветни финансиски можности.
Савески истакна дека очекува поддршка од институциите за да може Обвинителството да го следи чекорот со прекршителите на законот, најавувајќи дека неговите идни планови ќе зависат од конечната верзија на новиот Закон за јавни обвинители кој треба да го дефинира буџетот и условите за работа на оваа институција.
