Тажна слика доаѓа од демирхисарското село Бараково. Плодната земја, која требаше да донесе леб на трпезите, денес е претворена во непрегледно езеро. Излевањето на Црна Река предизвика катастрофа за локалните земјоделци, кои со солзи во очите гледаат како водата го уништува нивниот труд.
Жителите реагираат емотивно, потенцирајќи дека штетата не се мери само во квадрати земја, туку во егзистенција.
„Ова не се обични парцели. Ова е лебот, ова е храната без која не се може“, велат земјоделците од Бараково, чии површини се целосно поплавени.
Нивите станаа езера
Наместо зелени полиња каде што требаше да никнат и да се ожнеат тони пченица и други култури, денес таму има само вода и кал. Според мештаните, ова излевање значи целосно уништување на посевите и крај на надежите за овогодинешната реколта.
„Утре ќе прашуваме зошто е скапа храната“
Земјоделците предупредуваат дека последиците од оваа непогода ќе ги почувствуваат сите граѓани, не само тие.
„Утре ќе се прашуваме од каде храна и по која цена. А оние што ја произведуваат, повторно ќе останат сами со својата мака“, реагираат револтирано жителите.
За нив, ова значи уште поголема неизвесност и страв дека, како и многупати досега, ќе бидат заборавени откако водата ќе се повлече, а штетите ќе останат.

