Салата во Центарот за култура „Бели мугри“ денеска беше претесна за да ја собере сета тага на еден град. На комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март“, Кочани се соочи со најстрашната вистина: помина една година, а раните не само што не зараснуваат, туку стануваат сè подлабоки.
Со пораката дека смртта можеби ни ги одзеде телата, но никогаш нема да го избрише споменот, присутните со солзи во очите ги испратија молитвите за своите чеда.
„Песната во грло им беше кога заминаа. И додека тие со песна беа дочекани горе, нам само тагата ни остана… затоа пејте ни, ангели“, одекна во преполната сала додека се читаа имињата на 63-цата млади:
Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска-Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев.
На комеморацијата беше нагласено дека Кочани и Македонија не изгубија само млади животи, туку цела една иднина – инженери, лекари, музичари, фудбалери, идни мајки и татковци чии животни страници останаа неиспишани.
„Трагедијата во ‘Пулс’ е рана за целото наше општество. Таа ни покажа колку е тенка границата помеѓу животот и смртта и колку е нужно да се следи доброто, зашто во вакви моменти сфаќаме колку сме си важни едни на други“, беше истакнато од говорницата.
Настанот, организиран од Општина Кочани, Здружението „16 март 2025“ и Црвениот крст, заврши со порака за вечен спомен. Иако тишината денеска владееше во „Бели мугри“, имињата на загинатите ќе продолжат да живеат низ секое бело срце поставено пред урнатините на дискотеката и низ секоја свеќа запалена во нивна чест.
Почивајте во мир, ангели. Македонија нема да ве заборави.
