Украина и САД во четвртокот потпишаа меморандум како првичен чекор кон постигнување договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина, објави Јулија Свириденко, прв заменик-премиер на Украина и министер за економија.
„Задоволство ни е да го објавиме потпишувањето, со нашите американски партнери, на меморандум за разбирање, кој го отвора патот за договор за економско партнерство и формирање на инвестициски фонд за обнова на Украина“, напиша Свириденко на платформата Х.
Да потсетиме, американскиот претседател Доналд Трамп бара билатерален договор за минерали како дел од неговите напори да стави крај на украинската војна против руската инвазија.
Трамп, исто така, го гледа договорот како начин за враќање на милијарди долари што САД ги потрошиле за воена помош за Украина.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Украина нема да ја признае воената помош од претходната американска администрација како заем.
Соединетите Држави ја намалија својата проценка за трошоците за помошта за Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година на околу 100 милијарди долари од 300 милијарди долари, објави во средата Bloomberg News, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.
Администрацијата на Трамп минатиот месец предложи нов, поширок договор за минерални суровини, кој на Украина не ѝ дава никакви безбедносни гаранции за иднината, но бара сите приходи од експлоатација на природни ресурси од страна на државните и приватните компании лоцирани на украинска територија да се прелеат во заеднички инвестициски фонд.
Идниот договор ќе бара ратификација од украинскиот парламент и се очекува да придонесе за економскиот раст на двете земји, изјави вчера Свириденко, без да даде дополнителни детали.
„Ова ќе создаде можности за инвестиции и развој во Украина, но и ќе придонесе за воспоставување услови за опиплив економски раст и за Украина и за САД“, напиша вчера висок украински функционер.